Macedonian Society Of Physiotherapists

Честитки од генералниот секретар на МФЗ по повод светскиот ден на физиотерапевтите

Честитки од генералниот секретар на Македонското физиотерапевтско здружение по повод светскиот ден на физиотерапевтите

 

Дипломиран физиотерапевт, специјализант во областа по рехабилитација во ортопедија, хирургија и травматологија

ДЕНИС АРСОВСКИ

‘’Сите делови од телото кои имаат некаква функција, доколку се користат во одредена количина остануваат здрави, добро развиени и стареат побавно, но доколку не се користат тие стануваат одговорни за разни болести кои брзо го деформираат растот и побрзо стареат’’

Хипократ (460-370 п.н.е)

Важноста од улогата на физичката активност во превенцијата на болестите и унапредувањето на здравјето е добро документирана. Постојат силни препораки за интензитетот и фрекфенцијата на физичката активност која секој треба да се стреми да ја постигне во текот на животот за да одржи една благосостојба и здравје. Да се биде активен и да се одржува активност е од голема важност без разлика на возраста. Физичката активност и вежбите не само што ја одржуваат кондицијата, туку и го подобруваат менталното здравје.

Физиотерапевтите специјализираат во однос на развојот и одржувањето на способноста на луѓето да се движат и да функционираат нормално во текот на животот. Со напредното разбирање за тоа како телото се движи и што го одржува за нормална функција, физиотерапевтите промовираат здравје, мобилност и независност. Како експерти за вежби, особено во третманот со долготрајни и хронични болести, физиотерапевтите обезбедуваат услуги за широк спектар на луѓе се со цел да се оптимизира нивната физичка активност. Тие препишуваат вежби како дел од структурирана, безбедна и ефективна програма.

Во прилог на горенаведената улога, професијата на физиотерапевтите исто така е квалификувана да влијае на растечката глобална епидемија на болести поврзани со животниот стил (сега познати како незаразни болести). Овие болести често можат да се спречат и третираат со вежбање, а физиотерапевтите како здравствени работници со експертиза во препишувањето на вежби за здравје можат значително да придонесат во намалувањето на глобалниот товар на морбидитетот и морталитетот од таквите болести. Како членови на мултидисциплинарниот тим, физиотерапевтите соработуваат со релевантни здравствени работници се со цел да спроведат холистички програми за решавање на глобалната епидемија.

Физичката неактивност сега е идентификувана како четврти водечки фактор на ризик за глобалната смртност. Во многу земји, нивоата на физичката неактивност продолжуваат да растат со штетни ефекти врз здравствениот статус на населението. Придобивките од редовната физичка активност на примарната и секундарната превенција на неколку хронични болести се добро препознаени и воспоставени. Овие болести претставуваат речиси половина од целовкупниот глобален товар. Тоа се проценува дека моментално на секои 10 смртни случаи, 6 се препишуваат кон оваа група на незаразни болести. Физичката неактивност е проценета како главна причина за околу 21-25% од рак на дојка и дебело црево, 27% дијабетес и околу 30% од исхемична срцева болест. Бројни автори ја објавуваат и позитивна врска помеѓу физичката активност и подобрената кардиоваскуларна и когнитивна функција. Овие здравствени придобивки се среќаваат кај деца, адолесценти, возрасни, луѓе од различни раси, етнички групи, луѓе со инвалидитет и хронични состојби. Како резултат на огромните докази за физичката активност, во текот на последната деценија во фокусот на научната заедница се дава акцент на наоѓање на корелација помеѓу физичката активност и здравствениот статус, досега идентификувана со докази во оптимални дози.

Како резултат брзорастечките болести кои го опкружуваат овој свет, а научно докажани дека со физикална терапија можат успешно да се третираат, неизбежна е потребата од физиотерапевт во скоро секој дел од медицината. Како резултат на ова, во 1996 година Светската конфедерација на физиотерапевти го обележа 8ми септеври како светски ден на физиотерапевтите. Денот го означува единството и солидарноста на глобалната заедница од физиотерапевти. Тоа е можност за да се препознае работата на физиотерапевтите. Извештаи од целиот свет укажуваат дека светскиот ден на физиотерапевтите позитивно влијае врз профилот на професијата.

Затоа, почитувани колеги и студенти, дозволете ми да Ви го честитам овој ден, 8ми септември, бидете горди на Вашата професија бидејќи денес со сигурност знаеме дека со помош на нас, физиотерапевтите, можеме значително да влијаеме врз нечиј живот и несомнено во голема мера да го подобриме.

‘‘Физиотерапевтот има мозок на научик, срце на хуманист и раце на артист’’

ЧЕСТИТ 8МИ СЕПТЕМВРИ – ДЕН НА ФИЗИОТЕРАПЕВТИТЕ!

 

ДЕНИС АРСОВСКИ

Дипломиран физиотерапевт, специјализантпо рехабилитација во ортопедија, хирургија и травматологија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *