Физиотерапија & Цистична фиброза
Во рамките на Првата кампања за цистична фиброза(ЦФ)во Македонија– Хромо 7 беаорганизирани „Денови на респираторната физиотерапија и цистичната фиброза“ (19-22 октомври 2018). Македонските и косовските физиотерапевти, како и ЦФ пациентите и нивните семејства, можеа да слушнат за најновите белгиски искуства во физиотерапевтскиот третман на пациентите со цистична фиброза.
Во периодот 20-21 октомври, на меѓународниот едукативен семинар Физиотерапија & Цистична фиброза, организиран во соработка со Македонското физиотерапевтско здружение и Здружението за цистична фиброза, 25 физиотерапевти од Македонија и Косово имаа можност за следење на теоретски и практичен дел на презентациите на белгиските физиотерапевти Мирјам Врејс и Натали Баунс.
Мирјам Врејс е физиотерапевт со над 20-годишно искуство во Центарот за цистична фиброза во градот Лувен, додека Натали Баунс е физиотерапевт кој работи во референтниот центар за цистична фиброза во Универзитетската клиника Ст. Лук во Брисел.
Учесниците на семинарот слушнаа за основни техники за респираторни вежби, инхалаторна терапија, специјални вежби за чистење на дишните патишта кај пацинетите со ЦФ, како и за соодветната физичка активност т.е. потребните медицински вежби кај пациентите со ЦФ.
Семинарот го поддржа Клиниката Жан Митревовозможувајќи просторни и технички услови за одржување на „Деновите на респираторната физиотерапија и цистичната фиброза“.
Исто така, беа организирани индивидуални посети на семејствата ширум Македонија(19 и 22 октомври). Во домашна атмосфера, семејствата со ЦФ се информираа за основните респираторни техники и нивно користење во секојдневниот третман. Беа посетени вкупно 17 пациенти, од кои 11 во домашни услови , а 6 пациенти во болнички услови во три различни болници во Македонија. Двата тима на физиотерапевти, составени од по еден физиотерапевт од Белгија и по еден од Македонија, ги посетија пациентите со ЦФ во вкупно 6 градови (Скопје, Струга, Велес, Тетово, Кавадарци и Прилеп).
„Деновите на респираторната физиотерапија и цистичната фиброза“ претставуваат појдовна точка за понатамошна соработка со македонските физиотерапевти.
Повеќе информации за медиумската покриеност на настанот може да се најдат на овој линк
Македонското Здружение за цистична фиброза, во соработка со Диши слободно (Breath Free) – Белгиската асоцијација за борба против ЦФ, како и во партнерство со Македонското физиотерапевтско здружение ги сплотија напорите да им помогнат на сите пациенти со ЦФ и нивните семејства во нивната секојдневна борба.
Кампањата е организирана под покровителство на Н.Е. г. Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија и ќе трае до мај 2019, со активности кои ќе се организираат секој месец.
Нашата главна цел е да ја подигнеме свеста за цистичната фиброза. Оваа ретка болест е сложена и бара соодветен одговор од страна на носителите на одлуки, докторите, социјалните работници, наставниците, родителите, пријателите … одговор базиран на знаење, професионалност, емпатија, заеднички вредности за најдобар интерес на децата и возрасните со ЦФ.
Убедени сме дека само со здружени сили може да се направи разлика. Нашата мисија е да понудиме одговори за недостатоците во третманот на ЦФ, споделувајќи ги знаењата во корист на сите, сè со цел да им се помогне на пациентите со ЦФ.