Одбележувањето на Светскиот ден на Физиотерапевтите
Светскиот ден на физиотерапевтите е можност за нас физиотерапевтите во Македонија да ја подигнеме свеста за клучниот придонес на нашата професијата која ги одржува луѓето да бидат мобилни и независни. Овој ден се одбележува со единство и солидарност на глобалната физиотерапевтска заедница со цел да се признае делото што го прави секој физиотерапевт за своите пациенти.
Накратко би сакал да ги информирам сите наши стари и нови членови за активностите на Македонското физиотерапевтско здружение во текот на своето 14 месечно постоење. МФЗ во периодот од јуни 2017 од денот на своето формирање до денес има организирано шест едукативни настани ( семинар за клиничка физиотерапија декември 2017, работилница за неинвазивна механичка вентилација скопје 2017 ,конференција новости во физиотерапијата штип фебруари 2018, работилница за мануелна терапија и манипулација штип 2018, курс зенсегрити прв и втор модул ,март и јуни 2018). Активно учество на тренингот на тема ,,Имплементација на директивата за препознавање на професионални квалификации на физиотерапевтите” јули 2017 која всушност беше и прва работна активност на здружението. Исто така направена е и меѓународна промоција со активно учество на конгресот на физиотерапевти во Црна Гора октомври 2017 и учество на конгресот на физиотерапевти во Хрватска 2018. Зачленување на МФЗ во интеренационалната физиотерапевтска група за цистична фиброза мај 2018 . Учество на многу јавни настани како што се скопскиот маратон 2018, Охрид трчат 2018,Скопје трча 2017 година. Повеќе од 12 телевизиски гостувања во текот на 2017/2018. Одржани повеќе работни средби со генералниот секретар на светската организација за физикална терапија Дејвид Гориа и еден состанок со претседателката на евроспкиот регион на WCPT. Морам да напоменам дека МФЗ веќе има аплицирано за да биде член на WCPT уште во јуни 2017 година. Но како што знаете во нашата земја постојат и други две здруженија кои по некаков начин ги претставуваат физиотерапевтите и поради тоа се обидуваме да бидеме конструктивни партнери на WCPT за изнаоѓање на решение за конечно обединување на сите физиотерапевти . Затоа и сега јавно ги поканувам сите физиотерапевти да се обединиме во едно здружение , а тоа е ова Македонското физиотерапевтско здружение. Ние го создадовме ова здружение бидејки сакаме иднина како и нашите колеги во европа.
Македонските Физиотерапевти се единствени во светот кој освен професионалниот празник на ист ден го прославуваат и денот на независноста на Републиката. Но исто така се меѓу малкуте физиотерапевти во светот кои сеуште немаат право на своја сопствена реализација преку самостојна физиотерапевтска пракса .
Физиотерапевтите во Македонија се соочуваат со ограничување во извршување на нивните професионални активности за кои се едуцирани поради законската регулатива со која не се дозволува самостојна физиотерапевтска дејност и покрај тоа што им се овозможува да се едуцираат дури на 4 медицински факултети во Македонија. Причина за оваа состојба е немањето закон за физиотерапевтска дејност поради што неможеме да формираме самостојно приватни ординации за физиотерапија.
Додека пак во јавното здравство поради лошата систематизација, на работната позиции “Физиотерапевт” се вработуваат само или почесто физиотерапевтските техничари (колеги со средно образование). Со ваквиот некоординиран третман од страна на здравствените и образовни власти младите високо едуцирани колеги се демотивираат и најчесто позавршеното образование како готов “продукт” ја напуштаат државата . Овој проблем не е нов и со овој проблем се соочуваме во последните 10 години .Бидејки кога е формирано високото образование за физиотерапевти не е предвидена соодветна работна позиција на новиот кадар на “дипломирани физиотерапевти” или пак поради финансиската ликвидност на здравствена институција менаџментот одлучува да распише оглас за физиотерапевтски техничар . Па така да имаме ситуации кога колеги со високо образование се дискфалификувани на огласите за работа бидејки не го исполнуваат условот а тоа е завршено средно образование т.е физиотерапевтски техничар. Решението на овие апсурдни ситуации е во дефинирање на високото образование за физиотерапевти според европските нормативи , да се донесе закон за физиотерапевтска дејност и да се формира професионална комора т.е комора на физиотерапевти која ќе ја регулира,контролираи лиценцира физиотерапевтите . Истотака многу е важно здравствените власти да разберат дека квалитетот доаѓа со едукацијата и дека ние сме вложиле во својата едукација за да им служиме на македонските граѓани . Затоа предлагаме да се применат решенија кои веќе се познати и кои веќе дале резултат во државите од поранешна Југославија како што се Хрватска и Словенија и само така може да биде сигурен здравствениот систем дека на своите корисници-пациенти им нуди квалитетна и безбедна физиотерапија.
Моменталната бројка на невработени физиотерапевти според информации од Агенцијата за вработување во 2016 година , во македонија има 378 невработени физиотерапевти од кои најголем дел се физиотерапевтски техничари 243 , виши физиотерапевти се 10, дипломирани физиотерапевти 114 а специјалисти физиотерапевти 11. Додека пак статистиката од Институтот за јавно здравје на ниво на Републиката во 2016 година има вкупно вработено 340 физиотерапевти во сите приватни и јавни медицински установи и тоа само 61 дипломиран физиотерапевт, 42 виши физиотерапевти и 237 физиотерапевтски техничари.
Се претпоставува дека во последните 10 години имаат дипломирано околу 1000 физиотерапевти меѓу кои најголемиот број заради неможноста за реализација во професијата се прекфалификуваат или се иселуваат од државата .
На крај сакам да кажам дека МФЗ продолжува со своите активности со голем елан и како здружение спремни сме во партнерски однос со министерството за здравство и министерството за образование да изнајдеме заедничко решение со кое ќе започнеме да ги решаваме нашите проблеми. Ние не сакаме да војуваме но предупредувам дека ќе се бориме за нашите права.
Воедно МФЗ е подготвено за соработка со сите конструктивни здруженија на физиотерапевти во Македонија и со сите здруженија на различни групи на пациенти со цел промоција на нашата професија но и за подигнување на свеста во општеството за потреба од директен пристап до физиотерапија за сите пациенти. Како една од тие активности сакам да ја најавам партнерската кампања со здружението за цистична фиброза под патронажа на амбасадорот на Европската унија во Македонија Г-дин Самуел Жбогар која всушност започнува со овој настан денес.
Почитувани колеги сакам од името на раководството на МФЗ и од мое лично име да ви го честитам овој ден со желба за успешна кариера и професионален напредок и затоа сакам да ви дадам еден подарок за вас а тоа е едно изненадување . Сакам да го промовирам новиот интерактивен медум на мфз , а тоа е всушност социјална мрежа за физиотерапевти и пациенти www.fizioterapevti.mk .Тоа е мрежа на која ќе можете да комуницирате , споделувате и да се промовирате себе си пред целата македонска јавност а со тоа ќе бидете чекор поблиску до пациентите на кои ќе им олесниме при изборот на соодветен физиотерапевт за нив.
Голема благодарност до Г-дин Стефан Трајков и компанија StefBox која успеа да ја визуелизира и реализира мојата идеја . Благодарам .
Ви благодарам на вниманието колеги