Интервју на председателот Блаже Арсов за веб портал ФАКУЛТЕТИ.МК
Во име на доброто здравје на пациентите, државата е должна да изнајде соодветна опција за надминување на проблемите, вели Блаже Арсов, претседател на Македонското физиотерапевтско здружение
Физиотерапевтите во Македонија не можат да работат самостојно затоа што законската регулатива ги ограничува да бидат ангажирани исклучиво од физијатри. Како резултат на тоа, се зголемува бројот на невработени физиотерапевти со високо образование. Ова ни го потврди Блаже Арсов, претседател на Македонското физиотерапевтско здружение, а ни се пожалија и физиотерапевти.
– Законската регулатива не дозволува самостојна физиотерапевтска дејност, а во исто време им се овозможува да се едуцираат на факултетите во Македонија. Причина за оваа состојба е тоа што не постои законска можност да формираат самостојни ординации за физиотерапија, но и поради лошата систематизација на работните позиции во јавните институции, каде што се вработуваат само или почесто физиотерапевтските техничари – вели Арсов.
Арсов (прв од лево) на европска конференција за цистична фиброза
Ако се воведе лиценца ќе работиме самостојно
Физиотерапевтот Наталија Стојковиќ вели дека се соочуваат со голем проблем бидејќи не може да работат самостојно. Таа вели дека по завршувањето на факултетот добиваат лиценца, но со ограничени можности за работа.
– Голем проблем е и тоа што „местачите“ ни ја презедоа работата. Секој со курс од три месеци може да стане физиотерапевт, а ние немаме право да работиме сами, туку мораме да се вработуваме во физијатриски ординации. Ако се воведе ваква лиценца, многу од нас би работеле самостојно. И јас за неколку години би можела да отворам ординација – вели Стојковиќ.
Арсов, пак, како голем проблем го истакнува и немањето професионална комора – комора на физиотерапевти која би издавала лиценци за работа и би ја контролирала нивната работа.
На листата со невработени во 2017 година на Агенцијата за вработување има 378 невработени физиотерапевти. Најголем дел се физиотерапевтски техничари – 243, виши физиотерапевти се 10, дипломирани физиотерапевти 114, а специјалисти физиотерапевти 11. Како што истакна Арсов, овој проблем само ја влошува состојбата со невработеноста на физиотерапевтите.
– Во име на доброто здравје на пациентите, државата е должна да изнајде соодветна опција за надминување на проблемите. Ние, како здружение, сакаме во партнерски дух со Министерството за здравство да го најдеме најбезболниот начин за постигнување на целта. Физиотерапевтите се меѓу петте најмобилни професии во Европската Унија, смета Арсов.
Тој објаснува дека затоа тие имаат и соодветна регулација за тоа кој може да ја работи оваа работа.
– Во европските држави законите предвидуваат соодветно високо образование за физиотерапевти, во кое активно учествуваат и самите физиотерапевти, а воедно преку коморите ја регулираат и автономноста на дејноста – објаснува тој.
Според националната класификација, физиотерапевтите влегуваат во споредна група на други стручњаци во здравството, заедно со стоматолози, фармацевти, здравствени еколози, стручњаци за хигиена, диететичари и нутриционисти, терапевти за аудио и говор, офталмолози и оптометристи.
– Сите од наведените имаат право на самостојна дејност, освен физиотерапевтите – вели Арсов.
Во Македонија постои средно медицинско образование за физиотерапевтски техничари и високо образование во рамките на медицинските факултети во Скопје, Штип, Битола и во Тетово, кои нудат услови за додипломски студии – прв циклус на студии, како и втор циклус – специјалистички студии во одредена област од физиотерапијата.