Macedonian Society Of Physiotherapists

Интервју за Македонски медиа сервис

Физиотерапевтите се есенцијален дел од здравствениот синџир, но три децении не се наоѓа трајно решение за физиотерапевтската дејност, која треба да ја уредат закон и формирање на комора на физиотерапевти, a која ќе издава лиценци. Оваа лиценца ќе ја расчисти забуната меѓу поимите физијатар, физиотерапевт, но и јасно профилирање на физиотерапевтите од масажерите курсисти и популарните „местачи“ кои се претставуваат како професионалци во професијата.

За проблемите на физиотерапевтите ММС разговараше со Блаже Арсов, дипломиран физиотерапевт кој работи на постоперативна физиотерапија кај кардиохируршки пациенти, ортопедски, травматолошки и други видови на интервенции, а воедно е и претседател и основач на Македонското физиотерапевтско здружение.

Зошто физиотерапевтите, техничарите и оние со високо образование добиваат дипломи, но немаат право на самостојна работа?

-Станува збор за два исти, но сепак различни профили. Прво според нивото на образованието, а второ по спецификациите на работните задачи кои треба да ги извршуваат. Физиотерапевтските техничари всушност треба да бидат асистенти на дипломирание физиотерапевти и своите работни задачи да ги извршуваат под нивни надзор. Така да, физиотерапевтските техничари не би ни требало да имаат своја самостојна дејност по закон. Но, дипломираните физиотерапевти, имајќи го предвид нивното ниво на образование би требало да имаат можност, т.е. право да имаат самостојна физиотерапевтска дејност, ама во Македонија не постои законска рамка во која истите би го оствариле ова право.

Дали најчесто ова е и причината за иселување на физиотерапевтите и со истото ниво на образование стекнато во Македонија започнуваат свои бизниси во европските држави?

-Да. Нејасна е визијата на македонското здравство во развојот на оваа професија, се остава впечаток на отсуство на координација меѓу два сектора – образование и здравство, бидејќи од една страна се отвараат факултети за физиотерапија, а од друга  страна државата не нуди опција за реализација на овој профил во Македонија. Како свесно да создаваме кадар за други држави. Ниту една ЈЗУ не е задолжена да прими дипломиран физиотерапевт и се оди на поевтината варијанта, да се вработи физиотерапевтски техничар. Воедно, Законот за здравствена заштита не предвидел формирање на приватна здравствена ординација од страна на дипломиран физиотерапевт. Така, на крај излегува дека сите опции за градење на кариерата на физиотерапевтите во Македонија се максимално ограничени. Затоа, сметам дека треба да се размисли зошто е потребна оваа хиперпродукција на дипломирани физиотерапевти ако државата нема идеја за нивно етаблирање во здравствениот систем. Перверзија е високо образован физиотерапевт да бега од својата професија и да отвори салон за масажа за да може да обезбеди своја егзистенција. Физиотерапијата не е алтернативна медицина, па да бара закрила под Законот за комплементарна и алтернативна медицина, така да и тоа не е решение за проблемите на македонските физиотерапевти.

Која е пречката за донесување на закон за физиотерапевтска дејност? Со законот ли ќе се регулира формирањето на комора на физиотерапевти?

-Прво, нема интерес од здравствените власти, а второ физијатрите чувствуваат загрозеност од носењето на ваков закон и затоа нашиот проблем воопшто не се дебатира, за да се видат бенефитите и предностите на пациентите. Доколку се донесе законско решение за самостојна физиотерапевтска дејност, тогаш би можело да се формира и едно тело – комора, која ќе може да лиценцира и да го контролира професионалниот однос на физиотерапевтите. На тој начин, ќе се овозможи оние физиотерапевти кои имаат високо образование да имаат можност да отворат свои ординации и да спроведуваат физиотерапија базирана на докази. Исто така, сите оние кои немаат соодветно образование нема да можат да го злоупотребуваат називот физиотерапевт и да предизвикуваат опасност кон пациентите.

Како влијае врз довербата кај пациентите тоа што се појавуваат масажери и местачи без диплома? Веројатно самите пациенти не можат да ја направат разликата?

-Народот за жал е изманипулиран со тоа што нема контрола во физиотерапевтската дејност од надлежните институции. Всушност, проблемите се ставаат под тепих и никогаш не се нуди решение за физиотерапевтската дејност. Но, да не забораваме дека проблемите со дејноста на физиотерапевтите директно влијае на здравјето и финансиите на пациентите. Пациентите се оставени на милост и немилост сами да се снаоѓаат во процесот на рехабилитација и никогаш да не се сигурни дали тој што ги лекува е навистина физиотерапевт со соодветно образование.

Има ли земји со позитивни примери во регионот?

-Секако, Хрватска може да се земе како најдобар пример од блискиот регион, каде физиотерапевтската дејност е регулирана со закон и секој кој се бави со оваа професија има законско право и должност редовно да напредува за да може да ја задржи својата лиценца за работа. Дипломираните физиотерапевти се застапени скоро во сите јавни и приватни здравствени установи во сите можни клиники, од гинекологија до кардиохирургија и хрватските граѓани редовно можат да добијат квалитетна физиотерапевтска услуга.

Што е она што најпрво и најбрзо треба да се направи во правец на поправање на ваквата состојба?

-Долгогодишната незаинтересираност на здравствените власти за изнаоѓање на решение и воопшто на воспоставување дијалог со физиотерапевтите доведе до една состојба во која македонските физиотерапевти не бараат веќе решение во нашиот здравствен систем, туку почнаа да се иселуваат и да се етаблираат во другите држави и своето знаење да го нудат таму. Прво, треба да се започне со дијалог, потребно е Министерството за здравство да побара од нас да ги слушне проблемите на физиотерапевтите, но и да побара решение, а решение има, само треба желба.

И додека трае ваквата состојба, освен физиотерапевтите, страдаат и пациентите, кои во очај за физикална терапија не знаат кому се обраќаат и дали нивниот терапевт го има соодветното образование, знаење и обука за да ја извршува здравствената дејност со која се бави. Во меѓувреме, Центарот за обезбедување на квалификувани работници од Берлин и Институтот за германска економија објавија дека од 47.400 потребни квалификувани кадри, најмногу, 11.600 од потребните се физиотерапевти, а нив Германија планира да ги обезбеди од источна Европа и Западен Балкан.

Новинар на ММС :Мартин Каровски

Извор: ММС

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *